S-Work No.69 69 | Page 2

2-ри јуни – Меѓународен ден на сексуалните работници Меѓународниот ден на сексуалните работници се одбележува секоја година на 2-ри јуни. Овој ден се смета за симболично раѓање на движењето на правата на сексуалните работници. Во седумдесеттите години од минатиот век, француската полиција вршела постојан притисок врз сексуалните работници. Честите полициски акции ги принудувале сексуалните работници да работат во голема тајност. Како резултат на тоа, заштитата на сексуалните работници речиси целосно се намалила, доведувајќи до зголемен број случаи на насилство врз нив. Откако се случиле две убиства и после одбивањето на француската влада да преземе соодветни мерки за подобрување на ситуацијата, стотина сексуални работнички на 2-ри јуни 1975 година, ја окупирале црквата Сент Низиер во Лион, Франција со цел да го привлечат вниманието кон нехуманите услови во кои работеле, при тоа барајќи подобри услови за работа и крај на стигматизацијата. Изненадувачки, протестот стигнал до насловните страници на весниците, а сексуалните работнички добиле поддршка од локалното население кое им носело вода и облека. По осум дена, полицијата ја растерала толпата што протестирала. Овој настан претставува почетна точка на меѓународното движење на сексуалните работници кои се залагаат за своите права. Оваа година, СТАР-СТАР, Првиот колектив на сексуалните работници на Балканот ќе го одбележи 2-ри јуни – Меѓународниот ден на сексуалните работници со организирање кампања, насловена„Две од оние“. Во склоп на кампањата ќе се одржи изложба на фотографии со дамите на ноќта, на авторките Лилка Стрезоска, Елена Фидановска, Анита Березњаки Ирена Мила. Изложбата ќе започне од 21 часот во галерија Акантус. Секоја соба – своја приказна, инсталации, видеа, диџеј сет со Соња Исмаил, сангрија и шармот на старо Скопје. Изложбата и пропратната кампањата на креативен начин треба да го претстават истражувачкиот процес и резултатите од мапирањето на местата каде порано се одвивала сексуалната работа, како и лицата и настаните кои сведочат за една урбана историја на старо Скопје, која е сосема заборавена. 2