OECD Transfer Pricing Guidelines for Multinational Enterprises and Tax Administrations OECD Transfer Pricing Guidelines, July 2010 | Page 345

ПОГЛАВЈЕ IX: ДЕЛОВНИ ПРЕСТРУКТУРИРАЊА – 343 9.156 Прво, има ситуации во кои може да се применува методот на според­ливи неконтролирани цени. Да претпоставиме дека претпријатието кое врши централни набавки, купува суровини од трети страни како добавувачи и врши продажба на истите до производните постројки. Методот на споредливи неконтролирани цени може да се примени доколку со суровините се тргува на одредена стоковна берза (да се погледне параграф 2.18). Можен е и случај каде што цената што ја плаќале производните постројки пред настапувањето на претпријатието за вршење централни набавки или цената што ја плаќаат независни страни за споредливи суровини можат, зависно од резултатите од анализата на фактите и на околностите, како и на ефектите од контролираните и од неконтролираните трансакции што се вршат во различни моменти, да се користат како споредлива неконтролирана цена за да се утврди цената по која производните постројки треба да ги купат суровините од претпријатието кое врши централни набавки. Но, таквата споредлива неконтролирана цена, доколку не се приспособи, лесно може да значи дека сите заштеди на трошоци ќе му бидат припишани на претпријатието кое врши централни набавки. Како што е забележано во параграф 9.154, дали ова би претставувало или не би претставувало услов „дофат на рака“, мора да се утврдува за секој случај одделно. Доколку се утврди дека, според конкретните околности, еден дел од заштедите на трошоци треба да се припише на производните претпријатија, се поставува прашањето дали споредливата неконтролирана цена треба и може да се приспособува на соодветен начин. 9.157 Кога методот на споредливи неконтролирани цени не може да се користи, на пример, бидејќи цената на суровините флуктуира, а цената што ја плаќале производните претпријатија пред формирањето на претпријатието кое врши централни набавки не може да послужи како репер, може да се размисли за примена на методот на продажна цена зголемена за вообичаена заработувачка. На пример, претпријатието кое врши централни набавки може суровините да ги купува од независни добавувачи и да врши нивна препродажба до производните постројки по цена со додадена вообичаена заработка односно новата набавна цена на суровината од страна на претпријатието кое врши централни набавки со додадена маржа „дофат на рака“. Во таков случај, маржата што се припишува на претпријатието кое врши централни набавки треба да биде споредлива со маржата што се остварува во рамките на споредливи неконтролирани активности на тргување. 9.158 Во некои случаи, претпријатието кое врши централни набавки дејствува како застапник за добавувачите или за купувачите (или за обете видови претпријатија) и остварува надомест преку провизија што му ја плаќаат добавувачите или купувачите (или обете вида претпријатија). ОЕЦД НАСОКИ ЗА ТРАНФЕРНИ ЦЕНИ