My first Magazine Vesnik br.7 | Page 2

Human Capital Editorial Почитувани членови, соработници, пријатели и читатели, Заедничките идеи, визии и замисли ги преточивме во новото издание на нашето електронско списание “Човечки капитал”. Во овој број, со кој заокружуваме еден цел календарски циклус, имаме задоволство да Ве информираме и потсетиме на активностите на Македонска асоцијација за човечки ресурси и на нашите заеднички достигнувања. Во најголем дел даваме ретроспектива на настаните кои се одржаа во изминатиот период од последното издание на нашиот електронски весник. Особено внимание заслужува нашиот најпрепознатлив бренд – традиционалната годишна меѓународна конференција за човечки ресурси, на која сме особено горди. Таа го привлекува вниманието на се поголем број на учесници од земјава и регионот. Во овој број, сите оние кои немаа можност да присуствуваат или да се запознаат преку бројните објави и написи во медиумите, ќе можат да се запознаат со настаните на конференциите: во 2016 година, одржана во хотелот Мериот во Скопје, и во 2017 година одржана во хотелот Александар Палас во Скопје. Од година во година, овој настан е сè повисоко на картата на HR настани во регионот и пошироко, со потврден квалитет и сè поголема посетеност. Не ги изоставивме и сопствените иницијативи, како што е наградата “HR менаџер на годината”, која оваа година беше доделена по трет пат од нејзиното воведување. Понатаму, редовните полуформални средби именувани како “HR кафе & Networking”, кои се сè попосетени од нашите драги членови и соработници и од кои се почесто призлегуваат убави приказни и долгорочни пријателства и соработки. Донесуваме и интервјуа со HR професионалци, кои ни ги пренесуваат своите искуства и постигнувања во менаџирањето со луѓето. И во ова издание, ќе имате можност да ги прочитате стручните статии на наши членови, кои обработуваат интересни актуелни теми и споделуваат искуства, овојпат со акцент на личниот и професионалниот развој. Се надеваме дека темите ќе го привлечат Вашиот интерес и дека ќе уживате во читањето! Со почит, Редакцискиот тим на “Човечки капитал” ЧОВЕЧКИ КАПИТАЛ бр.7  октомври 2017 www.mhra.mk 2